Започнува самитот на ЕУ за бегалската криза

by Фокус

Европската унија и Македонија и Србија, денеска во Брисел ќе одржат мини-Самит посветен на бегалската криза. Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, Ѓорге Иванов ќе ја претставува државата на овој итени состанок што пред три дена го свика претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, заедно со шефовите на државите и Владите на Австрија, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Унгарија, Романија, Србија и Словенија.

Според најавите, Јункер денеска се очекува да претстави план од 16 точки за справување со бегалската криза, а според официјалната најава на Еврокомисијата целта на овој мини-Самит е да се договорат заеднички оперативни заклучоци што ќе може веднаш да бидат спроведени. Според нацрт-документот што деновиве го објавија дел од германските медиуми, главна порака на денешниот мини-Самит што се очекува да заврши со заедничка декларација е европските земји да престанат со префрлање на мигранти кај соседните земји без претходни консултации.

Во тој контекст, веќе се најавуваат силни напади од страна на лидерите кон Грција, како од Македонија, така и од останатите земји чии лидери ќе бидат присутни на овој мини-Самит, а поради неконтролираното испуштање на бегалците од оваа земја кон Македонија, а кои потоа продолжуваат кон останатите земји на мигрантската рута. Но, се очекуваат судири и на Словенија со Хрватска, односно на Хрватска со Србија. Она што изненадува е отсуството на претставник на Турција, земја од Балканот и Европа што најмногу е погодена од бегалскиот бран, а поради тоа што првиот човек на Еврокомисијата не упати покана до претставник на турската држава.

– Со оглед на вонредната состојба во земјите од Западен Балкан во однос на миграцискиот пат, постои потреба за поголема соработка, поширока консултација и непосредна оперативна акција. Затоа, по разговорите со неколку лидери, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, организира лидерска средба на 25 октомври во Брисел, за да се разговара за приливот на бегалци по должината на рутата на Западен Балкан, се вели во официјалното соопштение на Еврокомисијата за оваа лидерска средба.

Инаку, мини-Самитот на ниво на шефови на држави или влади се очекува денеска да започне околу 16.00 часот и да трае три до четири часа, проследено со работна вечера на седиштето на Европската комисија во зградата “Берлемонт”.

 

Поврзани новости