Од денес, па се до втори јуни на армискиот полигон Криволак, во близина на Неготино ќе се реализира вежбата ,,Одлучен удар 21”. На истата ќе учествуваат околу 1.500 припадници на САД, Грција, Бугарија и Македонија.
-Нашите амбициозни планови за Криволак се покажа дека биле оправдани и реални. Денеска можете да видите дека полигонот Криволак навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет.
Во овој момент кога на европскиот континент се спроведува вежбата од над 20.000 припадници на сојузничките сили „Defender Europe 21“ а токму денес на Криволак завршува една вежба од таа серија „Trojan Footprint 21“ и во понеделник веќе почнува вежбата за која денес ве брифиравме „Одлучен удар 21“. И двете вежби, но особено „Одлучен удар 21“ каде што повеќе од 1000 припадници ќе бидат присутни на Криволак и ќе работат на зголемување на интероперабилноста и на нивните капацитети, се доказ дека и покрај пандемијата Алијансата покажува и резултати и волја да соработува и да ја развива интероперабилноста- појасни министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред три дена, на излагањето пред медиумите.
Дали и какви штетни последици може да има реализирањето на вежбите на Криволак врз здравјето на луѓето и врз животната средина, е честа тема во Неготинско.
Според професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во периодот додека трае вежбата преку мерни станици ќе се врши мерење на квалитетот воздухот.
-Лабораторијата АМБИКОН инсталира и ќе обезбеди периметарски мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух во периметарот на полигонот Криволак за целиот период на одвивање на вежбата почнувајќи од денес до завршувањето. Системот ќе овозможи следење на концентрациите на суспендирани цврсти честички во реално време на две локации и на една локација ќе бидат земени примероци од суспендирани цврсти честички за одредување на нивните концентрации, но и за хемиска анализа на истите. Резултатите веднаш по завршување на вежбата ќе бидат во форма на извештај, презентирани на јавноста“ – информираше Мираковски.
Од Министерството за одбрана за „Фокус” потврдија дека на полигонот Криволак се поканети и претставници од еколошки друштва од регионот, со цел да бидат вклучени во целиот процес.
Вики Клинчарова