Со бучава од свирежи и тропање на тенџериња, во 18 часот започна денешниот протест пред зградата во која живее премиерот Никола Груевски. Граѓаните кои протестираат бараат Груевски да ги слушне „бомбите“ и да си поднесе оставка.
Демонстрантите носат транспаренти на кои се испишани цитати од објавените телефонски разговори на владини фукнционери. Дел од транспарентите се: „Ставрески: Државата не ни функционира.”, „Котевски: А1 ме прашуваа за убиено дете на плоштад. Идиоти.”, „Груевски: Тоа е многу поголемо, тоа јас го начекав џабарлак. Да го претвориме во онакво и одма го продавам”.
Организатор на овој протест, како и на минатиот пред домот на премиерот, е движењето „Граѓаните за Македонија“. Тие велат дека ќе протестираат се додека Груевски не си поднесе оставка, а притисокот ќе станува се поголем и поголем.