Дритон Небиу, директорот на Агенција за управување со одземен имот во изјава за „Слободен печат“ вели дека во Агенцијата до овој момент не се предадени запленетите обврзници за кои вчера директорот на Царинската управа Стефан Богоев рече дека се во вредност од 92 милиони долари.
Богоев рече дека се запленети од турски државјанин кој бил фатен со обврзниците на скопскиот аеродром, а кој доаѓал од Истанбул. Тој најави дека обврзниците ќе бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот.
Небиу вели дека Агенцијата првпат се соочува со конфискување на обврзници.
„Она што е многу важно, а не го знаеме, е дали станува збор за домашни обврзници, издадени од домашна институција, или за странски обврзници, издадени од странска институција. Но, Агенцијата – согласно законските прописи, зависно од видот и карактерот на обврзницата и согласно материјалните закони по кои постапуваме и по законите на РСМ кои го регулираат прашањето на обврзниците – ќе ги преземе правните дејствија во насока на законитото спроведување на конфискацијата, а сето тоа во насока на преземени дејствија за располагање, управување и продажба на обврзниците“ – изјавил Небиу.