Запалени знамиња на Шведска, Данска, Холандија пред шведската Амбасада во Џакарта

by Fokus

Неколку стотици муслимани во Индонезија се собраа пред шведската Амбасада во Џакарта во знак на протест против палењето на копии на Куранот во Шведска и Холандија.

По тој повод демонстрантите ги запалија портретите на данскиот антиисламски активист Расмус Палудан, како и знамињата на Шведска, Данска и Холандија.

Локалните власти ги блокираа улиците што водат до амбасадата, каде што беа распоредени повеќе од 200 полицајци и војници, а зградата беше опкружена и со бодликава жица.

На 21 јануари Палудан запали копија од Куранот за време на протестите пред турската Амбасада во Стокхолм, а потоа холандскиот лидер на екстремно десничарското движење Пегида, Едвин Вагенсвелд, искина копија од Куранот во близина на седиштето на холандската влада.

Тоа ги налути муслиманите ширум светот кои организираа протести во некои земји, вклучително и Индонезија, каде демонстрантите извикуваа „Алах е голем“ и бараа затворање на шведската Амбасада во Џакарта.

Претходно индонезиската Влада остро го осуди палењето на Куранот и ја повика на разговор шведската амбасадорка Марина Берг.

Поврзани новости