И покрај забраната за емитување на македонска музика во етерот, вчера во Дом на АРМ во Скопје се одржа дваесет и третото издание на фолк фестивалот ,,Филиграни,,. Организаторите велат дека фестивалот ќе се емитува на ТВ Сонце, кога ќе биде укината забраната, која што ја донесе ЗАМП, а никој нема одговор кога точно тоа ќе се случи. Голем дел од пејачите кои што настапија на фестивалот, се разочарани затоа што не ќе можат во догледно време да ги промовираат новите песни на ТВ и радио станиците во земјава.
Македонски песни не се слушаат на националните ТВ и радио станици повеќе од еден месец, а од неодамна на нашите автори им се приклучија и здруженијата од Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Иако на почетокот на воведувњето на забраната, многумина веруваа дека ЗАМП и Министерството за култура ќе го надминат проблемот и несогласувањето, и набргу ќе најдат решение, сепак музиката згасна, а јавноста како на некој начин да се помири со ситуацијата која што и ја наметнаа Министерството за култура и ЗАМП. Некои музички фестивали се одложија, а за некои се најави одржување во традиционалниот термин, но со одложено емитување на телевизија. Голем број на изведувачи сметаат дека токму тие се најпогодени од забраната, бидејќи вложиле во своите песни, им платиле на авторите, платиле за снимање на спотови, а се третирани буквално како безгласни букви и неможат да ги промовираат своите дела од кои што заработуваат за живот. Коментираат дека не очекуваат решавање на проблемот за кратко време, и на шега велат дека по сите актуелни случувања со министерката за култура, сигурно дека во овој период не и е дојдено до музика.
,,Од премногу тендери и градежни активности, очигледно дека на министерката не и останало многу време да се позанимава со проблемите на авторите и музичарите, па затоа и земјата е без музика со недели,, – велат револтирани пејачи кои што во овој период планирале да промовираат нови песни, но сега им преостанало само да ги чуваат во ,,фиока,, на неодредено време.
Од ЗАМП излегоа со официјално соопштение дека против нив се врши оркестрирана хајка, а некои од авторите, членови на здружението јавно на своите Фејсбук профили деновиве и се обратија на министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска со зборовите – ,,Бетке, со осомничени за криминал не преговараме!,,
Тие го посочија Министерството како главен виновник за состојбата со музиката, бидејќи издало дозвола за создавање на второ авторско здружение СОКОМ МАП, и сметаат дека две здруженија не може да управуваат со исти авторски права. Според нив, СОКОМ МАП е оперативен инструмент на Министерството за култура и Владата, за притисок врз ЗАМП или за одземање на неговата лиценца. На обвинувањата, од Министерството за култура пред две недели одговорија дека одлуката на ЗАМП за забраната е нејасна и незаконска, но сеуште не се превземени конкретни чекори за решавање на состојбата.