341
Младите секогаш биле и ќе бидат движечката сила на секое општество, ме радува што конечно темата за младите и нивните потреби и активизам ја поставивме на масата и ја отвараме на повисоко ниво, а не само меѓу младите- рече пратеничката Моника Зајкова денеска во Јордан каде учествува на дводневната Медитеранската конференција ОБСЕ 2022 за унапредување на безбедноста и соработката во Медитеранот преку поттикнување на дијалогот за соработка меѓу медитеранските партнери на ОБСЕ.
– Ние, „возрасните“ кои седиме овде, имаме обврска да го поттикнеме младинското учество.
Мора да најдеме начини и механизми да им дадеме приоритет на младите низ нашите политики од секој можен аспект. Да престанеме да им наметнуваме „што да мислат“ и „што да кажат“, нашето општество е доволно созреано и подготвено за свежа енергија, идеи и перспективи.
Време е да се прекине тој круг и да им се даде слобода и безбеден простор да го изразат своето мислење и да бидат дел од системот и процесот на одлучување, а не да ги гледаме само како пасивни набљудувачи, рече Зајкова.
Таа додаде дека младите луѓе ги засегаат не само младинските прашања, но и климатските промени, енергетската криза, образованието, глобалната економија, корупцијата, безбедноста на храната итн.
– Денеска гордо стојам пред вас, не како пратеник, туку како жена која некогаш била дете инспирирана од желбата да се направи разлика и да се бори за „столче на масата“, со апел: „Не ја потценувајте моќта на младите луѓе, тие се способни за величина над вашата имагинација и многу повеќе. А на младите ќе им порачам “Не трошете го вашето време чекајќи некој друг да ви ја обезбеди иднината – земете ја во ваши раце, истакна таа.
Според Зајкова политиката е повеќе од само политички партии, програми, избори, туку и тоа какво образование имаат нашите деца, каков воздух ќе дишеме, но и какви можности ќе обезбедиме за нашите граѓани.
– На тоа треба да ги научиме младите. Мораме да ги охрабриме да бидат активни граѓани и да придонесат за растот и благосостојбата на општеството.
Ако некој кажал дека иднината им припаѓа на младите, ќе ја додадам не само иднината туку сегашноста, таа им припаѓа и на младите.
Сакаме активни млади луѓе, со отворени, критички и љубопитни умови, тогаш да инвестираме во нив, да им направиме простор во системот, додаде Зајкова.
Пратеничката Зајкова беше воведничар на една од сесиите на конференцијата и ќе има обраќање за „Унапредувањето на безбедноста и соработката во Медитеранот: улогата на младите“.
Со оваа конференција во 2022 година претседава Република Северна Македонија и претставува значајна платформа за партнерство меѓу ОБСЕ и земјите од Медитеранот, односно земјите од Северна Африка и Блискиот исток.