Ако кандидатите за градоначалници на СДСМ денес фокусот го ставија врз младите, тогаш кандидатите за градоначалници на нивните опоненти од ВМРО-ДПМНЕ денес најавија изградба на објекти и инфраструктура.
-Во наредните четири години максимално ќе се посветиме да ги завршиме оние улици кои не се завршени. Во населбата Баби ќе се заврши централната улица „Крушевска Република“, потоа улицата „Партизанска“, која води до населбата Стар Кароарман, улицата „Сремски фронт“, која води до населбата Дузлак. Ќе следи и асфалтирање на улиците во Стар Караорман, каде што по 70 години жителите имаат и канализациска мрежа. Најави дека е предвидено и асфалтирање на улиците во населбите Сењак и Автокоманда – најави кандидатот за градоначалник на Штип Илчо Захариев.
Кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски, пак, најави градежна експанзија во општината.
-Гласајќи за бројот 13, гласате за градежна експанзија во Бутел, гласате за две нови градинки, за два нови ултрамодерни паркови, за модерен кеј на реката Серава, за над 20 спортски проекти, за баскет игралишта и фитнес зони во секое маало, за пензионерски клубови, за нови асфалтирани улички, за фекални и атмосферски канализации, за нови водоводни мрежи, за целосно реконструирање на улицата Бутелска и многу други проекти кои општината ќе ја претворат во модерно и урбано место за живеење – истакна Костовски.