Кандидати за градоначалници на СДСМ: Најважно ни е да ги задржиме младите!

by Фокус

Кандидати на СДСМ за градоначалници на неколку општини денес порачаа дека нивна главна цел е да ги задржат младите во земјава.

-Ќе градиме детски градинки, старски дом, булевари и улици, ќе ги модернизираме училиштата, ќе го унапредуваме локалниот економски развој… Но, што ќе ни е сето тоа, ако не ја направиме најважната работа. Да си ги задржиме децата тука. Заедно со нас, да ја градат својата иднина. Тука да им се радуваме на нашите внуци. Ќе вложуваме во вас, ќе ги здружуваме бизнисите општината и граѓаните со единствена цел – нови и добро платени работни места – рече кандидатот за градоначалник на Струмица Коста Јаневски.

И кандидатите за градоначалници на неколку скопски општини денеска ја истакнаа потребата од задржување на младите во земјава.

-Аеродром е општина со голем број на млада популација. Новата власт ќе посвети големо внимание и труд да создаде услови младите да се развиваат и напредуваат. Нашиот фокус ќе бидат политиките за вработување на што поголем број млади, со цел да ги задржиме да живеат и работат тука. Ќе организираме обуки за самовработување на млади лица. Ќе нудиме финансиска и административна помош за отворање сопствени мали бизниси на лица помлади од 32 години – рече кандидатот за градоначалник на Аеродром Златко Марин.

Во иста насока, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, истакна:

„Ќе формираме Младинска банка, којашто преку грантови ќе поддржува младински иницијативи и проекти за самовработување, за културно спортски настани и други конкретни проекти коишто ќе ги предлагаат младите. Дополнително мора да субвенционираме одредени музички инструменти за наши млади таленти и музички групи. Културно-забавниот живот во Ѓорче Петров е замрен, младите немаат свои катчиња каде можат да ги разменат своите идеи, да ги сретнат своите пријатели, затоа ќе го вратиме старото Корзо на модерен начин, ќе направиме нови организирани содржини, ќе имаме наша мала чаршија…“.

Иста порака денес упати и кандидатот за градоначалник на Гази Баба Борче Георгиевски.

Поврзани новости