Руските медиуми јавуваат дека поранешниот премиер на Дагестан, Магомед Абдулаев загина во сообраќајна несреќа во Махачкала. Во нивните објави се наведува дека Абдулаев минувал улица, надвор од пешачки премин, кога во него удрил 55-годишен маж со Лада Нива. Меѓутоа, никаде не се споменува дека возачот е уапсен.
Со смртта на Абдулаев продолжува низата на смртни случаи на руски богаташи и функционери кои починаа под мистериозни околности од почетокот на инвазијата на Украина. Абдулаев беше близок со поранешниот претседател и премиер на Русија, Дмитри Медведев, но и жестоко се противеше на војната во Украина.
Иако бил веднаш превезен во болница, руските медиуми пренесуваат дека тој починал од тешките повреди.
Абдулаев беше премиер на Дагестан од 2010 година до 2013 година. На таа должност беше именуван во мандатот на Медведев со кого, според медиумски извештаи, заедно студирале. Во 2015 година против него била почната кривична постапка за злоупотреба на функцијата и како што пишуваат медиуми, оштетил училиште за повеќе од 20 милиони рубљи, наменети за паушални исплати на студентите. Истрагата за случајот заврши во 2017 година, но судење немаше.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, под неразјаснети околности, починаа 10 руски олигарси и лица поврзани со рускиот претседател Владимир Путин.