Загадувањето на воздухот 10 пати над дозволеното

by Фокус

Мерните станици за испитување на воздухот и викендов повторно измерија ризични нивоа на аерозагадување во Скопје, но и во други градови низ Македонија, каде опасните ПМ 10 честички одат далеку над дозволената вредност.

Тоа беше повод опозицискиот СДСМ да реагира дека граѓаните на Македонија дишат отвор наместо воздух, додека од друга страна владата на премиерот Никола Груевски се расфрла со пари за споменици и реклами.

„Мерните станици постојано покажуваат огромна загаденост на воздухот во Македонија. Според официјалните податоци од мерните станици загадувањето на воздухот во Скопје изнесува речиси 10 пати над дозволеното. Во Битола и Тетово ПМ10 честичките изнесуваат фрапантни 12 пати над дозволеното, додека во Кичево 5 пати над дозволената граница. Груевски потроши 630 милиони евра за споменици во Скопје а граѓаните се гушат во нечист воздух. Неговите политики го уништуваат здравјето на граѓаните“, обвинија социјалдемократите.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека презеле многу мерки за подобрување на состојбите со загадувањето на воздугот, нешто што, според нив, не го правела сегашната опозиција кога била на власт.

„СДСМ упорно бега од одговорот на прашањето каде беа мерните станици за загадувањето на воздухот од нивно време? СДСМ треба на јавноста да и одговори зошто не може да се направат споредби со периодот пред 2006 година за ефектите од мерките кои се преземаат. Дали СДСМ може да наброи еден проект на Љубомир Јанев и Зоран Шапуриќ познат како министерот кој потона во малите поплави, кои служеа како нивни министри за животна средина? Граѓаните не памтат – бидејќи такви проекти немаше“, велат од ДПМНЕ.

 

 

Поврзани новости