Не само на овој, еден ден во годината, треба да се сетиме на овие лица и да им пружиме рака, туку во тек на целата година имаме морална обврска да мислиме на нив, да ги прифатиме и да се бориме да бидат рамноправни членови на нашето општество. Никој од нас не е совршен, а токму тие наши несовршенства не прават посебни, различни, убави на свој начин. Лицата со посебни потреби можат да живеат квалитетен живот, но од најголема важност е нашето прифаќање и поддршка кои не треба да ги штедиме – порачаа јавните личности од земјава, кои вчера ги придружуваа децата со посебни потреби на модната писта во Струмица.
Вчера по повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, трети декември, Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром ,,Вера’’ од Струмица успеа да го наполни клубот ,,Индустриал’’ во Струмица, каде се одржа хуманираната модна ревија под мотото – Убави сме, свои сме. Иницијатор на настанот кој привлече стотици посетители е Анче Николова – Туфекчиева, мајка на дете со Даунов синдром и член на здружението, која не можеше да го скрие своето воодушевување од масовната посетеност и интересот на јавноста за манифестацијата.
– Се започна како една идеја, а погледнете колку народ дојде да им ја изрази својата поддршка на нашите деца, но и нам, на родителите кои секојдневно се соочуваме со најразлични предизвици. Ова многу ни значи. Со овој чекор станува очигледно дека јавната свест се менува, се менува начинот на кој се гледаат и третираат овие лица, а тоа е и нашата цел – нивно прифаќање и надминување на предрасудите кои се присутни во нашето општество со векови. Благодарна сум на сите јавни личности кои без двоумење прифатија да бидат дел од настанот, и со самото тоа да придонесат да се шири пораката дека сите сме исти, убави на свој начин, дека сите исто се смееме и плачеме, дека сонцето исто грее за секој од нас – ни изјави Анче.
Нејзината ќеркичка Верче беше дел од веселите модели кои чекореа по модната писта. Заедно со неа, и со останатите петнаесеттина деца – модели, на ревијата се појавија градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, пратеникот Костадин Костадиновски, пејачките Благица Калева, Ленче Кукиќ, Бранкица Свирков, советникот Томе Лазаров, новинарите Ване Трајков и Ѓорги Калајџиев, фоторепортерот Сречко Гунчев, Софија Патрикова, Столе Лазаров, организаторот на „Струмица Опен Фестивал“, Перо Божинов и сопругата на премиерот, Зорица Заева.
Учеството на Заева предизвика голем интерес во јавноста, поради фактот што досега не се случило сопруга на наш премиер да биде дел од ваков настан. Средена од глава до пети, во елегантен црн смокинг, со бела кошула и вратоврска, со препознатливиот црвен кармин, нова, пократка модерна фризура, таа ги плени присутните со својот изглед, но и со непосредното однесување и искрената радост што е дел од манифестацијата.
,,Мојата улога овде не е модел на писта, туку придружник на овие прекрасни мали модели, кои се главните ѕвезди денес. И не само денес, секој ден треба да мислиме на нив, да се бориме за нивно прифаќање и да се потрудиме да им го олесниме секојдневието’’ – порача Заева.
И фолк пејачките Ленче Кукиќ и Благица Калева испратија пораки дека секој има право на среќен и достоинствен живот, без оглед на различностите.
,,Ова е прекрасен начин да се одбележи Светскиот ден на лицата со посебни потреби и драго ни е што со нашето присуство успеавме да измаме насмевки на лицата на овие деца, но и да испратиме силна порака дека секој е убав и вреден на свој начин’’ – велат тие.
Свои обраќања кон присутните имаа повеќето јавни личности кои беа дел од настанот, кој заврши со музичкиот избор на диџеј Јас сум Цако, кој е лице со посебни потреби. Од здружението изјавија дека поради позитивната атмосфера и големиот интерес, планираат настанот да стане традиционален.
Вики Клинчарова