Обвинението против членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски нема да влијае на процесот за прочистување на правосудството и тоа покажува дека законот важи еднакво за сите, изјави премиерот, Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за кредибилноста на процесот на прочистување на судството со оглед на тоа што член на телото кое го врши прочистувањето е обвинет.
-Тоа покажува дека законот важи еднакво за сите без разлика дали некој е член на Судски совет, Совет на обвинители, претседател на Влада, член на Влада, член на Парламент, градоначалник. Прочистувањето на судството се прави како што се прави насекаде, согласно контролните механизми на институциите. Судскиот совет е надлежен за контрола на судиите и тие постапуваат согласно законската надележност и таму одлуките се носат колективно. Секој член на Судскиот совет е само поединец, одлуките се носат колективно. Секако сите сме потенцијално можни да бидеме осомничени, обвинети и гонети за криминал, но презумпцијата на невиност треба да се почитува. Тоа ниту може, ниту ќе влијае на во независноста при прочистувањето. Верувам дека во периодот во кој претстои, процесот ќе биде успешен. Важно е што извршната власт не се инволвира, тоа го прават Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, изјави Заев.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција пред Нова година поднесе обвинение против Теофиловски за кого претходно се водеше истрага.