Со потпишувањето на Договорот од Преспа ги премостивме речиси тридецениските разлики како два соседа и ставивме крај на тензиите меѓу нашите земји и воспоставивме ново стратешко партнерство, објави вечерва на Фејсбук премиерот Зоран Заев, две години по историската посета на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Заев потенцира дека со оваа спогодба коренито се променила перспективата на евроатлантските интеграции на Северна Македонија и, како што вели, од патник на слеп колосек денес нашата држава е полноправна членка на НАТО и посакуван партнер во Европската Унија.
– Како дел од семејството на НАТО, Северна Македонија ги споделува демократските вредности и начелата на солидарност со останатите членки, а Грција се грижи за безбедноста на нашето небо“, напиша Заев.
Според него, договорот од Преспа во правни рамки дополнително го заштити нашиот македонски идентитет и култура, како и посебноста на македонскиот јазик.
„Духот на Преспанскиот договор втемелен на взаемно почитување и соработка е препознаен како позитивен пример во меѓународната јавност, за што говорат бројните конференции, анализи и истражувања“, истакнува Заев.