Македонскиот премиер Зоран Заев изрази уверување дека земјата никогаш не била поблиску до постигнување решение за спорот со Грција околу името.
Тој во изјава за агенцијата Франс прес (АФП), која ја пренесува МИА, додаде дека евентуалниот неуспех „не би значел крај на светот“.
– Верувам дека никогаш не сме имале подобри околности за постигнување целосно решение, кое ќе трае засекогаш, нагласи Заев, додавајќи дека доколку „спорот не се реши, тоа нема да значи крај на светот“.
Премиерот Заев истакна дека Македонија ќе ја продолжи „европската програма на овој или на оној начин“.
Македонскиот премиер изјави дека голем дел од спорот околу името на Македонија е решен, но не сака да открие детали од преговорите, бидејќи „тоа може да го загрози процесот“.
Македонија неодамна од Европската комисија доби препораки за отворање пристапни преговори за членство во ЕУ.