На вчерашната трибина која СДСМ ја одржа во Велес, лидерот Зоран Заев, истакна дека по објавувањето на неколкуте „бомби“ што ги имаат во раце, Владата не само што ќе падне, туку и политички ќе одговара.
-Прво, со тие така наречени бомби или аргументи и докази, не е доволно да падне власта. Ќе ја скрши, ќе ја засрами, ќе има голема политичка одговорност…, но ни требате паралелно и вие граѓаните. Ништо само по себе не е доволно, за се да заврши. Може ќе е доволно, но граѓаните требаат, рече Заев.
Тој додаде и дека се спремни на секакви негирања и опструкции од надлежните институции.
-Велат, „Подготвени сме на сите можни сценарија“. Што значи тоа? МВР е подготвено, Јавното обвинителство е подготвено, судството е подготвено, Антикорупциска комисија е подготвена, се со крајна цел, да ги покријат комплетно документите и доказите. Тоа го знаеме. Зошто тоа го знаеме? Досега вадевме аргументи за „Актор“, ги вадевме имотите на Мијалков, ги вадевме сите станови на властодршците во Скопје, ја извадивме „Македонска банка“. Видовте што се случи?
Прво, комплетен молк од медиумите. Јавно обвинителство и МВР само бараа начин како да ги отфрлат, рече Заев.
Лидерот на СДСМ потсети и на како што рече срамната пресуда која судот ја донесе за случајот „Македонска банка“, според која треба да му плати 50.000 евра на премиерот Никола Груевски за клевета. Истакна дека правдата еден ден ќе излезела на виделина, а пресудата потврдила дека во Македонија нема правосуден систем.