На ВМРО-ДПМНЕ му е смешна снимката што ја објави „Фокус“, а која отвара сомнеж за изработка на фалсификувани пасоши

by Фокус

За ВМРО-ДПМНЕ, видеото кое го објави „Фокус“, а отвора сомнеж дека на нелегален начин се изработуваат пасоши, е смешно, односно како што истакнаа, кај нив предизвикало чувство на хумор.

-На сликата покрај тоа што се гледаат корици кои наликуваат на корици од пасош, кои може да се најдат на која било тезга како новогодишни честитки, се гледаат и прст и табан од нечија боса нога, а се слуша и еден неартикулиран извик со идеолошка конотација, за кој претпоставуваме дека треба и нас и јавноста да не убедат дека наводно некое лице кое наводно печати некакви наводни пасоши е антикомунист или симпатизер на десницата, па така одработува контра левицата. Да не е смешно ќе е трагично. Креаторот на оваа неинвентивна снимка имал или лош ден или пак неговиот капацитет е ограничен“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека им сугерираат „на режисерите на ваков вид на евтина продукција, во иднина кога ќе снимаат нови серии, барем да го облечат човекот и да не е бос, бидејќи времето е студено и може да настине“.

-Исто така, сугерираме заради уметнички ефект во следната серија да се појавува уште посилен и поостар глас, кој уште понападно, па и повулгарно вербално ќе го нападне СДСМ или левицата, за да може барем еден човек да поверува дека тој што го извикува тоа, нормално е припадник на ВМРО-ДПМНЕ. Им посакуваме повеќе инспирација при следните нивни снимања на комедијантски снимки, кои не само што ништо не претставуваат, туку говорат за извонредно слабиот капацитет на Заев и друштвото, за кој искрено жалиме“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Снимката, фотографиите и уште многу детали за овој случај се објавени и во последниот број на неделникот „Фокус“.

 

Поврзани новости