Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница одржана денеска донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
-Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти, напиша Заев.
Премиерот дополнува дека по исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патиша, во рок од седум дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката.