Во атмосфера на добра волја, политичка зрелост и подготвеност за надминување на ова прашање, многу бргу можеме да дојдеме до решение во спорот за името, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле.
-Пред нас е важен момент. Ако сакаме да го искористиме, не треба да бидеме фиксирани на вината на едниот или на другиот, туку да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина. Да најдеме вистински одговор, еднакво прифатлив за двете страни. Лидерите на двете земји треба да дојдат до решение. Се разбира под закрила и со поддршка на ОН и на медијаторот Нимиц, како и со поддршката и на нашите заеднички партнери САД и ЕУ – вели Заев.
Тој истакнува дека неговата намера е да ја убедува официјална Грција двете држави да изберат друг агол во погледот на ова прашање.
-Можеби како прво дека излезот од оваа ситуација не е во решението на победник и победен. Црвени линии има и во Република Грција и во Република Македонија, но тоа помага само да останеме во своите ровови. Еве да речеме дека црвените линии се поставени, но зошто тоа да го запре процесот? Тој треба да тргне и треба да оди напред. Црвените линии да ги претвориме во осветлени патеки кои водат до решение прифатливо за граѓаните на двете земји – вели македонскиот премиер.