По настапот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Државната изборна комисија, каде најави дека нема да учествува во ново прегласување во спорните гласачки места, со реакција се огласи претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој повикува на смиреност и воздржаност кај граѓаните и вели дека одлуката на ДИК и Управниот одбор не е пресудна за тоа кој ќе формира Влада, но е важна за да се докаже вистината.
-Да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија. Неговото време заврши.Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија. Повикувам на достоинствено и трезвено однесување.Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски.Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите. – напиша Заев на Фејсбук.