Премиерот Зоран Заев, приоритет им даде на испразнетите места во ДИК наместо на празните фотелји во Владата. Тој денеска изјави дека пред да бидат назначени нови министри, ќе мора да се разгледува прашањето кој ќе ги замени членовите на Државната изборна комисија, кои деновиве поднесоа оставки под притисок на јавноста.
Но за избор на нови членови на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, а опозиционата ВМРО-ДПМНЕ продолжува со бојкотот на седниците. На прашањето како ќе ја вклучи опозицијата во овој процес, која не учествува во работата на Парламентот и има свои членови во ДИК, премиерот истакна дека ќе биде отворена дебата и оти преку дијалог може да се најдат решенија.
– Ќе отвориме дебата и верувам дека постои можност секогаш низ дијалог да се најдат решенија – рече Заев, кој денеска во Собранието се обрати на настан во организација на Евро-атланскиот совет.
Тој одби да каже дали синоќа се одржал најавениот состанок со коалициските партнери. Заев изјави дека веднаш штом ќе има решение за новите членови во Владата, јавноста ќе биде известена.
-Знаете дека има испразнети пратенички места кои треба да бидат пополнети од ДИК. ДИК е во оставка, но треба да продолжи да работи додека Собранието не ги констатира оставките. Сите овие работи треба да бидат комплетирани за да можеме правно формално да ги спроведеме процедурите, вклучително и за комплетирањето на Владата – рече премиерот.