Лазар Петров: За Нова година ќе штедиме, за Свети Трифун ќе славиме!

by fokus

Општина Демир Капија годинава нема да има организиран Новогодишен дочек, туку ќе штеди. Затоа пак, на празникот на лозарите и винарите, Свети Трифун, на 14 – ти фебруари, ќе има голема прослава во центарот на градот.

„Годинава решивме да штедиме и нема да има организиран дочек на плоштад, туку само ќе го украсиме градот. И минатата година нашата општина немаше Новогодишна прослава, но можеби во иднина и тоа ќе се смени. Моментално се врши реконструкција на плоштадот, градежните работи би требало да завршат пред Свети Трифун, па се надеваме дека ќе имаме убава прослава на новиот плоштад“ – вели Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија.

Веќе неколку години наназад во Демир Капија се организира голема забава за Свети Трифун и тоа е еден вид на централна градска манифестација.

Лани манифестацијата остана запаметена по промотивното бесплатно возење со воз од Скопје до Демир Капија, каде стотици пензионери се туркаа, влечеа и удираа за влез, при што дури и полицијата мораше да интервенира. Тие кои што успееа да фатат место и да дојдат на прославата, ни изјавија дека се презадоволни од добро организираниот настан во Демир Капија, со жива музика, бесплатна ракија и вино, и разни традиционални специјалитети. Со нив се забавуваше и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар и претседателот Ѓорѓе Иванов.

Годинава според Петров, освен добра забава, гостите ќе ги дочека и новиот плоштад.

Вики Клинчарова

Поврзани новости