Заев: Словенија ја помага нашата економија уште од времето на Југославија

by fokus

Перспективите за унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Словенија се големи, а во тоа треба да се искористи извонредното пријателство меѓу двете држави кои се стремат сегашната трговска размена од 300 милиони евра наскоро да ја зголемат на 500 милиони евра, порача премиерот Зоран Заев на денешниот Бизнис форумот во Љубљана,  придружуван од неговиот домаќин словенечкиот премиер Марјан Шарац.

Заев нагласил дека интересот на бизнис заедниците им дава на политичарите надеж дека извонредното пријателство меѓу двете земји ќе расте повеќе бидејќи бизнисмените се вистински мост на економската, а со тоа и на севкупната соработка меѓу двете пријателски земји.

– Вие ни помагате во унапредувањето на нашата економија и сите наши аспекти на унапредување на квалитетот на животот уште од поранешна Југославија. Уште тогаш Словенија беше наш најголем пријател. И денес, кога ќе се види словенечки производ во Северна Македонија тоа е доказ за потврдено, за проверено. Кога ќе се каже словенечка инвестиција и словенечки изведувач кој добил тендер, нашите граѓани се сигурни дека квалитетно ќе биде завршена работата, дека чесно ќе се работи и ќе биде придонес за сите, порачал премиерот Заев на бизнис форумот со кој претседаваа претседателите на стопанските комори на двете држави Бранко Азески и Боштјан Горјуп, во присуство на министри од двете влади, амбасадори и на претставници на компании.

Премиерот Заев потсетил дека од претходниот Бизнис форум, што беше одржан во Скопје, извозот од Словенија кон Северна Македонија е зголемен за 15 проценти, а извозот од Северна Македонија кон Словенија е зголемен за 10 проценти.

– Верувам дека и денеска она што ќе го разговараме, ќе го поттикнеме, ќе даде нови можности. Ваша работа е да создавате профит, а нам ни помагате во политиката со раст на БДП, со нови работни места и со раст на извозот, увозот и севкупната трговија, истакнал премиерот Заев и потенцирал дека Словенија несебично го пренесува знаењето, позитивните практики, позитивните искуства во економијата.

Тој на бизнис форумот говорел и за условите за правење бизнис и упатил охрабрување и мотивирање на компаниите да се фокусираат кон Северна Македонија.

Поврзани новости