Заев: Се надеваме дека ќе направиме подобра иднина за нашите деца

by fokus 09:21
09:21

Балканот веќе е сменет и се затвораат сите отворени прашања во насока на обезбедување подобра иднина на младите генерации во државите, им порача премиерот Зоран Заев на средбата на дваесеттината млади луѓе кои во организација на Европското движење – Нови Сад, Европскиот фонд за Балкан и амбасадата на Република Австрија во Македонија се на турнеја низ Балканот по повод австриското претседателство со ЕУ.

Премиерот основен акцент стави на постигнатите договори со Република Бугарија и Република Грција кои, како што рече, се плод на пријателство и помирување, а сепак ја гарантираат посебноста и разликите на нашите народи.

- Advertisements -

– Се надеваме дека ќе направиме подобра иднина за нашите деца. Нашата цел е Европската Унија. Веруваме во европските вредности, можеби повеќе и од некои земји членки на Унијата. Да се верува во стабилност, безбедност, силни институции, кои ќе ги изградиме заедно со вас младите, значи да се верува во иднината, рече премиерот Заев на средбата.

Австриската амбасадорка во Македонија Ренате Коблер, која присуствуваше на средбата истакна дека присуството на премиерот Заев на денешната средба е знак на поддршка на овој проект и дека тоа е знак дека тој е на иста линија со младите луѓе кои шират европски вредности на помирување.

– Во текот на средбата на премиерот Заев му беше пренесена порака дека има силна поддршка од младите луѓе од земјите од Западен Балкан и Европа за чекорите што ги презема во насока на решавање на чувствителните прашања кои го оптоваруваат регионот, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Исто така беа пројавени иницијативи за поголемо вклучување на младинските организации во имплементирањето на постигнатите договори, кои, како што беше речено, ќе придонесат за зголемување на позитивните ефекти и аспекти, посебно од постигнатиот договор со Република Грција, преку вмрежување во заеднички проекти во насока на интензивирање на соработката во повеќе сфери од општеството.

Поврзани новости