Премиерот Зоран Заев, тврди дека про-руски бизнисмени се обидуваат да ја спречат Македонија да се приклучи кон НАТО, така што финансираат насилни протести во земјава во пресрет на референдумот за името.
Во интервју за BuzzFeed News Заев тврди дека сојузници на Русија платиле илјадници долари за да поттикнат насилство во Македонија. Според информации кои ги добила Владата, сојузниците се всушност грчки бизнисмени кои ја поддржуваат руската кауза. Тие веќе инвестирале суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за организирање на насилни демонстрации пред референдумот.
Заев одби да именува кој стои зад плаќањата, додавајќи дека е во тек истрага и поради и онака чувствителните дипломатски односи. Како што изјави тој, полицијата дознала за овие активности откако беа притворени неколку учесници во насилните протести во Собранието на 27 јуни минатата година.
Тврдењата на Заев одат во корелација со одлуката на Грција да протера неколкумина руски дипломати затоа што се мешале во внатрешните работи на земјата. Тие беа обвинети дека учествувале во организација на насилните протести во Грција и дека се обидувале да поткупат грчки функционери во преговорите за името.
-Руските претставници кои беа тука, а исто така и други од Москва, не кријат дека се против интеграција на Македонија во НАТО. Дел од нив се поврзани со медиумите, дел од нив ги поттикнуваат младите да протестираат пред Собранието, да ја нападнат полицијата. Тоа е очигледно – рече премиерот.
Тој додаде дека на средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на Самитот на НАТО, побарал од него да и помогне на Македонија во спроведувањето на успешен референдум. Заев посочува во интервјуто дека ќе го покани Трамп во Македонија за време на кампањата по повод референдумот.