Заев прими Повелба од Сојузот на борците

by fokus

Сојузот на борците на премиерот Зоран Заев му врачи Повелба за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот и негово издигнување на достоинствено државно ниво.

Истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, премиерот Заев потенцира дека како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното наследство, останува неговата свечена обврска за понатамошна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.

– Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење, истакна премиерот Заев во своето обраќање на вчерашната средба со претставниците на Сојузот.

Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните поддржувачи, Никола Стојановски на средбата на Заев му посака да продолжи соработката меѓу Владата и Главниот одбор „за успех на СБМ и просперитет на Република Северна Македонија“.

– Вашите заложби и почит кон нас борците и нивните продолжувачи нѐ направија повторно горди, нѝ го вратија достоинството, кое некој сакаше да го уништи, но како резултат на взаемните заложби тоа не успеа, истакна Стојановски.

Поврзани новости