Стратешки интерес на Северна Македонија се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но нашата земја го почитува традиционалното пријателство со Руската Федерација и соработката во областите од заемен интерес за граѓаните, како што се економијата и културата, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е предадена телеграма со честитки за формирањето на новата Влада на Република Северна Македонија од рускиот премиер Михаил Мишустин, во која се изразени заложби за унапредување на билатералната соработка во иднина.
-Оваа Влада има подобри шанси пред себе да го унапреди квалитетот на живот на нашите граѓани, бидејќи се затворени крупните предизвици коишто стоеја на патот на евроатлантските аспирации. Сега се насочуваме како Влада и јас лично, првенствено кон резултати во економијата. На тој пат сме подготвени на принципиелна економска соработка со сите држави – пријатели на нашата земја – истакнал Заев.
Воедно, тој пред рускиот амбасадор посочил дека владината коалиција е поставена на стабилни основи и во очекуваниот полн четиригодишен мандат целите се подобар животен стандард на граѓаните и реализација на европските перспективи.