Премиерот Зоран Заев денеска истакна дека нема никаква поврзаност меѓу истрагите што ги покрена Специјалното јавно обвинителство за поранешни и актуелни државни функционери со процесот во собранието, каде се расправа за уставните измени со цел членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
-Дебатата е транспарентна, јавно ќе се носат одлуките насекаде и верувам дека секоја институција паралелно со политичките одлуки кои се носат во државата, си носат одлуки, системот функционира и работи – рече Заев.
Тој додаде дека вчера разговарал со пратениците, кои, според него, се свесни дека нема план Б од реализација на договорот од Преспа.
-Ако оваа можност пропадне што после? Сите се ужасати од помислата што после ако пропадне оваа можност. Бројката е огромна дури од опозицијата, голема е заради тоа што луѓето веруваат, тоа се општественици луѓе, политичари, пратенции и сл. Веројатно заканата, непријатниот момент кој го живеат и доживуваат се причини до крај да не направат експресија на своите ставови – рече Заев.
Премиерот ја отфрли можноста дека со примена на притисок и закани може да се направи промена на ставовите кај пратениците.
-Ова мора да е одржливо, ова мора да има иднина, мора луѓето да веруваат во тоа и да ја носат одговорноста притоа, само така е возможно. Затоа цело време ги користам зборовите пријатна атмосфера, благопријатна атмосфера, разговор, интерактивност – рече Заев.