Османи е оптимист дека има двотретинско мнозинство за уставни измени: Алтернативата е опасна за државата!

by Фокус

Вицепремиерот Бујар Османи денеска изјави дека како министер за здравство секогаш работел согласно законот и во интерес на граѓаните на Република Македонија и дека очекува да се расчистат сите дилеми во однос на истрагата на Специјалното јавно обвинителство за злоупотреби во Министерството за здравство.

-Неколку години демнеат овие шпекулации во врска со некакви сомнителни злоупотреби во Министерството за здравство. Јас бев еден од тие што инсистирав на истрага, ако ги следите моите јавни настапи отсекогаш сум барал што побрзо да се отвори истрага, бидејќи навистина нема потреба да стои постојано како дамка, евентуално сомнеж за моето работење, изјави Османи во Куманово, во врска со истрагата на СЈО.

Тој нагласи дека како министер за здравство донел стотици, илјадници решенија за бројни проекти кои, како што додаде, се уште ги користат граѓаните.

– Јас видов во тоа што можев да прочитам и одреден превид. Понудата е 20 милиони поевтина, а не поскапа отколку второрангираната, меѓутоа, сепак ќе оставам што побрзо СЈО и институциите да ги расчистат овие факти, а јас стојам на располагање во секое време. Жал ми е што претходно не сум бил поканет, пред да биде споменато моето име за да можам да ги кажам фактите – нагласи вицепремиерот.

Во однос на обезбедната бројка на пратеници кои ќе ги изгласаат уставните измени, Османи рече дека се оптимисти и дека има двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени.

– Се разбира дека тоа ќе треба да го видиме во понеделник. Меѓутоа, тоа што е важно е дека тоа двотретинско мнозинство нема да биде потребно само при првото гласање, ќе биде потребно и при последното гласање, што ќе биде после три месеци. Очекуваме дека ќе има различни видови притисоци, така што тоа го прави комплексен целиот процес на уставни измени, меѓутоа секој сфаќа дека алтернатива на недонесување на одлука сега во Собрание е многу непредвидлива, многу опасна за државата – изјави Османи.

Поврзани новости