Заев: Постои веројатност Младенов да излетал ако бил удрен од задна страна

by Фокус

По објавувањето на аудиоматеријалите поврзани со несреќата во која загина основачот на неделникот Фокус Никола Младенов, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека официјалната верзија за оваа несреќа содржи низа нелогичности.

Како што рече Заев, во записникот од Министерството за внатрешни работи стои дека Младенов возел од десна страна на автопатот Велес-Скопје од Велес кон Скопје, а при несреќата автомобилот имал оштетувања во предниот дел, со кој удрил во заштитната ограда во кривина кон лево.

– Ако возилото со неприлагодена брзина влегува во кривина кон лево, тогаш требало да излета во десно. Или возилото се движело во левата колозовна лента, или, пак, меѓу двете ленти, па наеднаш свртело кон десно, удрило и ја пробило заштитната ограда. А, никаде нема дека му се дупнала гума – посочи тој.

Тој се надоврза на претходно објавените разговори, во кои министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и нејзиниот портпарол Иво Котески велат дека на задната страна од автомобилот имало боја до друго возило.

– Што е сокриено? Постои веројатност дека ако возилото е удрено во заден дел, при голема брзина да изротита кон десно. Тоа е можна причина за нагло завртување – потенцираше сдсмовскиот лидер.

Според него, чудно и симптоматично е тоа што во записникот стои дека нема траги од крв на стаклото на автомобилот, ниту присуство на стакло на телото на Младенов, и покрај тоа што тој излетал од возилото.

– Автомобилските стакла се кршат на ситни делови, па морало да има траги од крв или стакло штом излетал низ автомобилот – заклучи Заев, најавувајќи дека по промената на власта ќе биде отворена нова, независна и темелна истрага за овој случај.

Поврзани новости