Влатко СТОЈАНОВСКИ
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера попладне оддржал средба со лидерите на петнаесетина политички партии, кои му изразиле подготвеност за соработка и на следните парламентарни избори, а во текот на неделава треба да оддржи и тет-атет средби со секој од нив, дознава Фокус од партиски извори.
Во пресрет на Конгресот на СДСМ што треба да се оддржи во недела, на кој треба да се расправа токму и за можностите за формирање на широк фронт против Никола Груевски, Заев прво сакал да го потврди главното коалициско јадро од партии што подолго време се традиционални сдсмовски партнери, но засилено и со други партии што во меѓувреме ја потпишаа Платформата за демократска Македонија.
Дури после Конгресот се најавува дека ќе се преговара за деталите за предизборното коалицирање и ќе се знае дали оваа коалиција, во која учествуваат ЛДП на Горан Милевски, НСДП на Тито Петковски, ДОМ на Лилјана Поповска и други партии што ги претставуваат „помалите“ етнички заедници, ќе се прошири со опозицискиот блок што се обидува да го формира лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.
Инаку, Трајанов досега ја формираше Коалицијата за промени и правда заедно со движењто ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, но води активни преговори со ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски за формирање на централнодесничарска коалиција, во која уште би влегле Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и Достоинство на Стојанче Ангелов и некои други помали субјекти.
Исто така, отворени се опциите и за формирање на предизборната опозициска коалиција со некои од новоформираните албански опозициски партии, пред се БЕСА и Унитети на Гзим Острени, а не се исклучува ниту соработка со Движењето за реформи на ДПА, и покрај тоа што лидерот Зијадин Села настапува порадикално и има нарушени односи со другите албански вонпарламентарни партии.
На крајот, во опозицискиот фронт повикани ќе бидат невладини организации, граѓански активисти и интелектуалци, но од СДСМ велат дека поконкретно и посодржајно на оваа тема може да говорат дури после неделниот Конгрес, кој треба да им даде насоки и овластување да влезат во преговори со партии и индивидуалци.