Да ги вратиме парите кај граѓаните, да обезбедиме економски развој за подобар живот, да ги направиме институциите во служба на граѓаните, во сите наши одлуки граѓаните да препознаваат отворена и реформска влада и да ја промовираме нашата земја Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон НАТО и ЕУ. Тоа се нашите најважни одредници, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција по повод 100 дена од формирањето на Владата.
– Наша задача беше да ги лоцираме непродуктивните трошоци и да најдеме начини парите да ги пренасочиме кон граѓаните и компаниите. Оваа Влада има намера да се однесува домаќински со парите на граѓаните. Само со кратење на премиерскиот буџет, обезбедивме 420 милиони денари. Обезбедивме дополнителни една милијарда и 245 милиони денари во Фондот на ПИОМ за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците на вториот пензиски столб и уште 200 милиони денари – истакна Заев.