Прва детска декупаж изложба во Неготино: Наместо да седат пред компјутер, децата создаваат уметност

by Fokus

Во Неготино се одржа првата детска декупаж изложба, во организација на менторот Велика Димова. Учесници на изложбата беа деца кои редовно доаѓале на декупаж сесии во последните осум месеци, на возраст од 4 до 11 години.

Велика Димова го привлече вниманието на јавноста кога лани започна со работа нејзината работилница ,,Мис креатив’’ каде создава оригинални изработки со помош на декоративни салфети. Таа тогаш ни кажа дека своето хоби го претворила во професија, а популарноста на нејзините дела кои се изложени во работилницата и на интернет, е во секојдневен подем.

Изработува шишиња за домашни слави со верски мотиви, четки за коса со испишано име по желба, миризливи свеќи, тањири, чаши со разни цветни дезени… Идејата за креативна работилница со деца ја добила лани, и била изненадена од големиот интерес, но и посветеност со која децата создаваат интересни креации. Според родителите, чии деца се редовни на декупаж сесиите, поттикнувањето на креативноста на ваков начин,е многу подобро од долгочасовното седење на децата пред компјутер.

,,На самиот ден на изложбата, децата работеа пред присутните гости. Беше забавно, имаше што да се види, значи имавме горди деца, и горди родители. Декупаж сесиите со децата се покажаа како доста позитивна работа. Драго ми е што ја имам поддршката на родителите, кои сметаат дека ова е начин за стимулација на интелектуалните и креативни способности преку еден вид на игра. Декупаж сесиите се всушност активности кои ја мотивираат инвентивноста и креативноста кај децата, начин да ги изразат своите идеи и желби преку уметност, но и да се дружат меѓусебно. Македонија има деца со огромни потенцијали на многу полиња, само им е потребен поттик и добра организација’’ – вели Димова.

Таа по струка е информатичар, но отсекогаш ја привлекувала уметноста. Решила своето хоби да го претвори во професија, и започнала со изработка на творби во декупаж техника (украсување на предмети со хартиени исечоци), а потоа се заинтересирала и за витраж. Основата на предметите кои ги изработува е од стакло, дрво, восок, пластика, керамика или метал. На почеток изработките ги подарувала на пријатели, а денес успешно ја води својата работилница.

Вики Клинчарова

Поврзани новости