Заев отворено го поддржал Ковачевски

Лидерот на СДСМ и премиер го посочил својот наследник пред сопартијците.

by Фокус

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, на вечерашната седница на партискиот Централен одбор, го предложил заменик-министерот и член на партискиот Извршен одбор Димитар Ковачевски за негов наследник во партијата, а со тоа и за нов мандатар, велат партиски извори.

Според неофицијални информаци, откако Заев се појави со Ковачевски на средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши, денес пред сопартијците отворено застанал зад него, посочувајќи дека е добар избор за нов лидер и премиер.

Фокус прес десетина дена објави дека фаворит и за лидерската позиција во СДСМ и воедно за премиерската функција е токму Ковачевски, доктор на економски науки и вонреден професор на Американ Колеџ, кој во својата кариера бил на директорски позиции во Телеком и Оне Вип Македонија.

Димитар Ковачевски – фаворит за нов премиер и лидер на СДСМ

Воедно, пишувавме дека Ковачевски студирал на Економскиот факултет при УКИМ заедно со Заев. Што се однесува до неговиот партиски стаж во СДСМ, тој беше дел од партиското раководство и во времето кога партиски лидер беше Бранко Црвенковски.

Кој е Димитар Ковачевски, најсериозниот кандидат за наследник на Заев?

Инаку, Ковачевски одби да ги коментира информациите дека ќе влезе во трка во нов лидер на СДСМ, а со тоа да стане и нов премиер, се додека, како што рече, не се распишат внатрепартиските избори.

„Сите треба да имаме политичка и етичка почит кон претседателот Заев и кон одлучните и храбри чекори, кои заедно, сите граѓани, мораме да ги продолжиме на патот кон нашата подобра иднина – ни изјави Ковачевски.

Инаку, внатрепартиските избори во СДСМ треба да се одржат на 12-ти декември. Од владејачката партија велат дека првично никој не реагирал негативно на промоцијата на Ковачевски од страна на Заев, меѓутоа многумина биле збунети.

Сите против оставката на Заев, но СДСМ оди на избори

Сепак, во следните денови не се исклучуваат реакции, со оглед дека безмалку сите во СДСМ беа против заминување на Заев, додека не е мал број од луѓето што се отворено против Ковачевски, сметајќи дека со него партијата ќе оди назад.

В.С.

Поврзани новости