Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска ја објави 27-тата „бомба“, во која презентираше докази како премиерот Никола Груевски и шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков прислушувале повеќе од 20.000 политичари, новинари, невладини организации, граѓани. Тој на денешната прес-конференција го објави начинот на кој се одвивала масовната операција за нелегално прислушување.
Според Заев, тука станува збор за околу 100.000 разговори во транскрипти и 18.000 пораки, исто така во транскрипти. Тој на видео -бим објави ексел програми во кои постојат два вида на евиденција за следење. Во ексел- програмите наведени се имињата на телефонските оператори. Заев тврди дека, според документите што ги поседува сите лица, кои се следени имаат свои псевдоними. На пример, Зоран Заев имал псевдоним ДС Зеко, поранешниот лидер на СДСМ и екс претседател на државата, Бранко Црвенковски се водел под псевдонимот Крст, додека Миле Јанакиески имал псевдоним Тутин, Силвана Бонева – Босил, а главниот уредник на телевизија Сител, Драган Павловиќ – Латас се водел под псевдонимот Талас, додека Владо Бучковски добил псевдоним, НДС Бува.
Во една од ексел табелите се ставени македонските политичари, а во другата табела, политичарите од албанскиот блок.
Лидерот на СДСМ тврди дека во транскриптите детално се опишани разговорите на опозицијата, критички настроената јавност и невладините организации. Според него, постојат 400.000 аудио-снимки кои се нелегално снимени.