Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец, со кого разговараше за процесот на формирање нова Влада во Република Македонија.
Заев, како што вели СДСМ, го информирал амбасадорот Јазбец за обидите од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за продлабочување на политичката криза во Македонија, како и за посветеноста на СДСМ за скорешна институцонална разврска на кризата.
– Ја објавивме Програмата на новата реформска Влада за унитарна, суверена Република Македонија, којашто ќе биде посветена на економијата, социјалната кохезија, владеењето на правото, што е интерес на сите граѓани. Планираме да ја тргнеме секоја пречка за изговор од Ѓорге Иванов околу доделувањето на мандатот. Во таа насока, очекувам, во следниот период во Собранието да биде избран новиот претседател на Парламентот кој ќе испрати допис до Иванов дека е формирано парламентарното мнозинство и дека почнува да тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот за формирање на новата Влада – рече Заев.
Заеднички е констатирано дека е неопходно да продолжат демократските процеси во Македонија по кредибилните избори, во насока на силна посветеност на реформските процеси што обезбедуваат евроатлантска перспектива на државата, а со тоа и квалитетен животен стандард за граѓаните и стабилност и безбедност на Република Македонија, се вели во партиската информација.