Лидерот на СДСМ, Зоран Заев нема да присуствува на закажаниот состанок со еврокомесарот Хан закажан за 10 јуни во Брисел.
Ова Заев го изјави пред малку на прес конференција.
Според Заев, изјавата на еврокомесарот Хан во Вашингтон, содржи елементи на пристрасност и не е соодветна за подготвителниот период пред одлучувачката средба во Брисел.
– Зачудува оценката на еврокомесарот Хан за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ ниту ЕУ, досега не констатираа дека извештајот за изборите во Македонија е позитивен. Дополнително, доказите од проектот „Вистината за Македонија“, ја разоткрија и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во земјава, организирани и спроведени од Никола Груевски и неговата власт, рече Заев.
Тој нагласи дека СДСМ во овој период се однесувала максимално демократски и седнала на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција во која била поставена.
– Дадовме максимум во овој сериозен процес и очекуваме тоа да се почитува од сите страни, рече Заев.