Театар Комедија: Секој напад врз Театарот е напад врз актерите

by Фокус

Театарот Комедија денеска преку соопштение реагира дека вчера во театарот бил нарушен јавниот ред и мир, откако група активисти за време на претставата „Лисистрата“, направија селфи – фотографии во знак на протест и ја напуштија претставата. Целото соопштение ви го пренесуваме интегрално:

Со овој чин таа организирана група не само што го прекрши Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, туку стори и едно поголемо злосторство, ја осквернави сцената како место на кое се разменуваат идеи, ставови, мислења, како легитимен начин на создавање еден театарски чин, а најстрашно од сè е што во таа организирана група има театарски работници кои би требало да ја знаат светоста на сцената и претставата и нејзиното значење во театарскиот живот. Со тоа што го нарушија нормалниот тек на претставата станаа цензори и не дозволија самата претстава да се случи онака како што авторите ја создале.

„Протестот” не смее да биде упад во национална институција и личен протест против некого, бидејќи самата претстава е светост која што никој не смее да ја наруши. Нечиј личен став или омраза спрема некој, не смее да го загрози колективниот чин кој го твориме. Сите ние од ансамблот ја почитуваме секоја политичка определба и сечиј став, и функционираме по максимата дека театарот не е место на кое се бијат политички битки и не е место на кое публиката искажува револт спрема некој или нешто. Поголемиот дел од нас не сме политички определени и не сакаме да не мешаат во политички игри. Ако сте против политиката во театарот не носете ја на сцена. Секој напад врз Театар Комедија е напад лично врз нас, актерите. Театарот е храм на уметноста во кој ние живееме.

Поврзани новости