Заев: Не прифаќам смена на Катица Јанева, таа и нејзиниот тим беа трошка надеж во едно многу тешко време

by fokus 09:15
09:15

До крајот на оваа недела ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, вели премирот Зоран Заев, во врска со преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство. Во интервју за МИА по средбите во Брисел, премиерот нагласува дека новото СЈО треба да ја гони актуелната власт.

-Верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт – вели Заев.

- Advertisements -

На прашањето дали е подготвен за смена на Катица Јанева, премиерот вели:

– Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија – посочува Заев.

Во врска со претстојните претседателски избори и евентуален бојкот од страна на опозицијата, Заев уверува дека ќе ги обезбеди сите неопходни услови опозицијата да се чувствува комфорно и да има фер натпревар.

-Со шефот на опозицијата, господинот Мицкоски, имавме квалитетен разговор на таа тема и верувам дека сите прашања, за кои што тие имаат размислувања ги затворивме и оставивме отворена врата меѓу шефовите на штабовите на двата кандидати да бидат во постојана комуникација, тоа се исто двајца наши генерални секретари – додава тој.

Заев го коментира и одбивањето на Владата да го користи зборот „македонски јазик“ кога се работи за наслението во Северна Грција. Тој вели дека тоа е прашање на кое треба да одговори Грција.

– Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер – вели Заев.

На прашањето дали има ли македонско сценарио во Србија, како што обвини Вучиќ, премиерот вели:

– Апсолутно не. Србија е наш голем пријател, народите ни се блиски, ние и посакуваме само добро на Србија, да оди напред, во моментов даваме поддршка за позитивно решение, како тие ќе се договорат, решение што гарантира напредок на регионот, интеграција во ЕУ, чување на мирот. Знам, преговарав пред неколку месеци, знам колку е тешко. Апсолутно се обидуваме да го сфатиме тоа и го поддржуваме процесот. Се надеваме дека ќе се вратат на дијалогот. Тоа е нашето очекување и се надевам дека дијалог ќе има и внатрешен во сите соседни земји. Еве ние имаме во Северна Македонија. Но, истовремено како човек кој што беше директно нападнат од насилници во институциите можам јасно да го осудам секое насилство врз институциите на системот од било кој карактер, ова го кажувам за да го потврдам нашето пријателство кон Србија – додава тој.

Поврзани новости