Заев: Не можеме утре да ги внесеме Бугарите во Уставот

by Fokus

Премиерот Зоран Заев денеска во одговор на новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во нашиот Устав, рече дека пред самото пристапување во ЕУ се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.

– Уште пред неколку години се отвори ваква дебата на барање на Хрватите во државата, но и на Црногорците. Ние последни го следиме примерот на сите европски земји, односно земјите посебно Балканот, јас ја кажувам Хрватска, еве Албанија веќе тоа го направи. На своето пристапување, на моментот на пристапувањето на ЕУ се отвора Уставот затоа што мора да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници коишто се присутни и живеат во нашата земја а не се вградени во Уставот. Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето, истакна Заев.

На новинарско прашање дека доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, дали ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.

Поврзани новости