Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на прес -конференција изјави дека не го признава судот и затоа нема да се појавува на рочиштата за случајот „Пуч“.
-Не го признавам правосудството како независна власт по Устав и закон, правосудството е под контрола на Груевски. Сакам да соопштам дека нема да присуствувам на закажаните рочишта и нема да се пријавувам во судот. Со ваквото мое соопштување, судот е должен да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Јас очекувам оваа седница да се случи тоа. Јас сум во просториите на СДСМ или во Кампот пред Влада со граѓаните. Ова е врв на апсурдот на обвинение нарачано од Никола Груевски, а спроведено од јавниот обвинител Марко Зврлевски. Судот нема дадено никакво образложение за случајот, изјави Заев.
Според него одлуката на судот да го прифати обвинителниот акт ја покажува зависноста од извршната власт, бидејќи го обвинуваат за шпионажа, а не кажуваат за која странска држава или служба наводно шпионирал.
„Лидер на опозицијата се обвинува за насилство врз функционер, затоа што барал техничка влада и предвремени избори, а јавноста знае за договорот на лидерската средба, во присуство и на меѓународната јавност на која се договорени и предвремени избори. Доказите на Никола Груевски за предметот „Пуч“, не смеат да се користат бидејќи се прибавени со ПИМ мерки, а со нивното објавување во јавноста се изврши кривично дело. Нема налог од Врховен суд за користење на ПИМ мерки, за кривичното дело шпипнажа“, рече Заев.
Невладеењето на правото, објавените прислушкувани разговори, монтираните политички процеси до збор се потврдени во извештајот на Прибе.
„Независно од притисоците врз мене, преговорите ќе продолжат. Како прашање е слободата и иднината на граѓаните. Мора да има фер и демократски избори“, рече Заев.
Тој потенцираше дека доколку властите го уапсат, политичките преговори за излез од кризата ќе продолжат во Идризово.