Злоделото на неутралците е рамно на злоделото на талибанците од ДПМНЕ!

by fokus

ФОКУС: Од неодамна, опозициските медиуми и новинари се најдоа под директен, физички удар на власта. Им се палат автомобили, им се пљачкаат редакции, ги ставаат во притвор. Од друга страна, премиерот се пожали дека ТОЈ кутриот бил жртва на мрачни сили. Оние што те нападнаа тебе со метални шипки, какви сили беа, мрачни или светли?

ИВАНОВСКИ: А бе што да ви кажам, ова е шизофрено општество, овде сериозно има ментална подвоеност и два света, и едниот оној на режимот со сите сили се труди да нѐ убеди дека ние си замислуваме дека има режим кој нѐ тепа, дека сѐ е прашање на перцепција, и навистина мора да им се признае за храброста и енергијата што ја покажуваат во тоа да нѐ убедат дека црното е бело и обратно, они ова го тераат професионално и пожртвувано, и Хорхе со тој термин со кој се истрча всушност фројдовски го откри она што му е најважно на ДПМНЕ а тоа е перцепцијата!

sashe politiko tepanТие 24/7 се мачат само за тоа, за каква перцепција има мнозинството за нив и притоа користат мноштво на испреплетени техники на пропаганда и заплашување и перење мозок, Мартин, Грујо, Илија, Саркањац, Виктор, Емил, Латас и останатите неколкумина навистина покажаа неверојатен ПР талент и Гебелс може да им се поклони. А за тоа какви сили ме тепаа, прво беа мрачни па се расветлија кога ми ја зачукаа главата сите светки ми ги извадија!

ФОКУС: Имаш ли информации до каде е истрагата (и дали воопшто се води таа навистина) за расветлување на нападот врз тебе?

ИВАНОВСКИ: Ма која црна истрага, самите тепачи да им се пријават во тоа МВРО- ВМРОТО што е рамно на научна фантазија овие ќе им удрат ќотек и ќе ги избркаат, ова е порака со сите да не претеруваме со новинарството, што би рекле да не се претера новинарството, они почнаа да ме лупаат во ребра во сред клуб на пратеници пред 50 камермани и фотографи и уште толку новинари, а можам да замислам што ќе ми се случеше ако отидев да го прашувам Грујо на прославата за новото седиште мислам дека жив немаше да се вратам таму ќе ме закопаа под фонтаната пред новата зграда…

ЖАЛНО МИ Е КОГА ГИ ГЛЕДАМ ПРОДАДЕНИТЕ НОВИНАРИ

ФОКУС: Очигледно физичкиот напад врз тебе не те замолкна. А од друга страна, имаше новинари кои и без некој да ги нападне, сами или замолкнаа или почнаа да зборуваат по ќефот на власта. Изгледа тие биле нападнати со вреќи пари?

ИВАНОВСКИ: Хм, да има купени ја ги нарекувам новинарски курви, а има и такви што нема потреба да ги купат затоа што тие што би рекле старите од моите краишта, Кратовско, се толку неспособни што не можат да „убодат вол у гз“… Жално ми е кога ги гледам и новинарите од критичките медиуми како немаат храброст да влезат во клинч со режимот па на пресовите со премиерот и министрите молчат како млади невести, усрани пилиња…

ФОКУС: Веќе неколку недели си им дневна мора на премиерот и неговите министри. Нема настан на кој тие се појавуваат, а да не мора потоа да бегаат од твоите незгодни прашања и коментари. Кои се ефектите од таквиот герилски пристап, имаш ли закани да престанеш, до кога ќе ја тераш таа тактика и дали ќе има новини во неа – на пример со повеќе луѓе покрај тебе, користење на мегафон…?

ИВАНОВСКИ: Хм, новина е што планирам секое утро да одам пред Сител, се паркирам таму и ќе ја следам првата репортажна кола затоа што таа оди на настан каде што ќе биде премиерот. Не знам дали знае јавноста, ама премиерот ги чува во најстрога тајност своите дневни појавувања, тие не се најавени на МИА каде се најавуваат дневните настани, па од кабинетот на премиерот им праќаат мејлови само на избрани медиуми кои се покажале примерни и молчат на неговите секојдневни настапи на кои он ѝ „продава муда за бубрези“ веќе 9 години на македонската јавност! Значи тоа е новина, мора да се снајдам за да дојдам до премиерот, а таму после стандард како и досега, јас ќе прашувам, бодигардите ќе ме лупаат у ребра…

ФОКУС: Генерално гледано, меѓу колегите – новинари, дури и меѓу оние што се опозициони настроени, не си премногу популарен. Дури има и некои новинарски бардови кои не пропуштаат прилика да те споменат тебе во негативен контекст, па макар темата била за ланскиот род на зелките во Бурунди. Што мислиш, од каде толкав анимозитет кон твојот лик и дело?

ИВАНОВСКИ: Се работи за микс, личен анимозитет на некои климактерични тетки како Бранко Геровски, а голем дел се работи за рефлекс на анимозитет и негативна реакција кон поинаквото, кон новото. Сепак јас сум репрезент на американскиот журнализам кој е проактивен и емоционален, додека во Македонија вирее некое чудно пост-комунистичко новинарство каде новинарите се научени да немаат став и да бидат фини со политичарите, да не бидат во преден план туку да се како инвентар во студиото, како предмет, фотелја, маса, фикус…

Со таа разлика што во Македонија сепак благодарение на „Фокус“ отсекогаш имало истражувачко новинарство и она што ви го опишав погоре, т.н. репортерско и хост-новинарство. Истражувачкото новинарство отсекогаш ни било силно и со него немам замерки, но нашите репортери и тв и радио водители се анемични, безлични, фини, усрани и тука ДПМНЕ највеќе прегази, они ги купија „куртоните“ а оние кои мислеа дека можат да ги прегазат не се ни мачеа да ги купат, тие им се за украс за да се фалат пред странците дека еве има критички медиуми но тие медиуми се со незначителен ефект врз јавноста. Секако сѐ ќе беше поинаку ако не пропаднеше А1, тоа беше друга приказна.

ФОКУС: Кај нас има едно своевидно „табу“ новинарите да фаќаат страна во политиката, туку треба да се објективни и неутрални, или барем да глумат дека се. Во медицината има лекари чија должност е да го спасат пациентот и патолози кои треба да утврдат од што умрел. Зошто според тебе, мнозина се убедени дека е подобро да се неутрални патолози отколку активистички лекари во новинарството?

ИВАНОВСКИ: Убаво прашање. Па да, ова сега го фура уредникот на Телма, Саки, сосе целото уредништво таму. Од такви неутралци кои гледаат сеир стигнавме дотука. Нивното злодело е рамно на овие куртоните и талибанците од ДПМНЕ. Има една убава реченица која ја кажал некој за време на нацизмот, а тоа е дека најголем проблем за злото да завладее е добрите луѓе да не му се испречат на тоа зло, кај нас сите ја наведнаа главата за жал, со мал исклучок кои лесно бевме офарбани како соросоиди и петоколонаши.

ФОКУС: Во твоите колумни и анализи, согласно твојот активистички пристап, редовно им даваш совети на опозиционите политичари. Те слушаат ли тие, и зошто не?

ИВАНОВСКИ: Не ме слушаат затоа што ја немам тежината, премалку време сум во новинарството и мојот стил е претежно настроен како ентертејмент, шоубиз за да има и комерцијален ефект па како таков немам некоја тежина, особено поради вокабуларот, иако она што го советувам е чиста логика и „комон сенс“ што би рекле Американците, ама тоа е, во медиумите има инерција и се почитуваат и ценат некои стари пувала кои се во медиумите 20-30 години па колку и тие да трескале ординарни глупости!

СИЛА МИ ДАВА БЕЗОБРАЗЛУКОТ НА ГРУЈО!

ФОКУС: Ти пречи ли кога те навредуваат и напаѓаат дури и луѓе од опозицијата, и дали кога чувствуваш дека твоите идеи не допираат до оние до кои треба да допрат се обесхрабруваш? Дали си викаш понекогаш „па за кого и за што јас се борам“? Што ти дава сила да издржиш, и да не се продадеш на власта или едноставно да си заминеш од Македонија?

ИВАНОВСКИ: Сила ми дава секое гледање на изјава на Груевски или некој од неговите министри. Кога ќе му/им ја видам фацата и кога ќе слушнам што глупости трескаат и како го лажат мојот народ, и кога знам како го крадат мојот народ и мојата земја, во тој момент заборавам и на сите критики и на сите маки и на гладот и на маките новинарски и на животот беден новинарски и пијам кафе земам телефонот и трчам накај клуб на пратеници или кој и да било владин настан со желба да исплескам некој талибански задник. Ептен ја прекардашија, ова што го прават е лудо до коска!

ФОКУС: Ако на наредните парламентарни избори, за кои се исполнат условите СДСМ да учествува, опозицијата пак доживее дебакл, кои се твоите планови? Исто, ако Грујо падне сосе режимот му, што потоа со твоите медиумски проекти?

ИВАНОВСКИ: И во двата случаи ќе продолжам со исто темпо. Тоа ми е намерата. И во двата случаи јас ќе ја критикувам владата, која и да е, кој и да е премиер. Само што ако падне Грујо ќе имам повеќе реклами, бизнисот нема да се плаши да се рекламира кај мене па ќе се раздолжам малце и ќе се средам како човек, сега живеам како голтар, како просјак.

МАКТЕЛ ДОПРВА ЌЕ РАСНЕ

ФОКУС: Твојот портал maktel.mk е пионер меѓу порталите кога станува збор за начинот на финансирање. Имено, на прашањето „кој те плаќа, за кого работиш?“ ти буквално можеш да одговориш дека твоите читатели те плаќаат и дека работиш за нив. Има ли иднина тој начин на финансирање, задоволен ли си од ефектот?

ИВАНОВСКИ: Да, имам околу 4000 претплатници се надевам дека бројот ќе расте до 10 000, но за тоа ќе мора да направам одредени вложувања за публиката да дојде во поголем број. Во план се студио, репортери, линкови, емисии, средувања на некои багови на сајтот итн…

ФОКУС: Имаш ли сознанија, каков е профилот на просечниот читател на Мактел. Во смисла, на кој дел од популацијата си им „симпатичен“? Има ли меѓу нив и вмровци кои тајно те читаат, ама срам им е да кажат?

ИВАНОВСКИ: Не, немам читатели вмровци. Нив мозокот им е тотално спржен како ајвар. Моите читатели ми се закоравени опозиционери, членови на СДСМ. Претепани од режимот, и мислам дека имам едно 500 читатели затвореници затворени од овој режим низ цела држава по основ на политичката тортура. И они ми се најголеми фанови, често и ми се јавуваат од затвор. Имам и околу 100 верни претплатници од странство кои избегале од режимот и со душа ме читаат и плаќаат по 100 денари месечно со картичка, за разлика од Македонија каде претплатата е 35 денари по смс.

ФОКУС: Кога ја водеше емисијата „Политико“ во неа донесе како гости луѓе од целиот политички спектар, од десни и конзервативни, преку либерали и невладини активисти до леви и крајно леви, и од редовите на власта и од опозицијата. Но денеска ако пак ја водиш емисијата, многу од нив не би ти дошле како гости во неа. Дали се гледаш во очи со луѓето на кои, во политичка смила, сакаш тилот да им го видиш? Имаш ли уште пријатели меѓу оние што го сакаат Грујо?

ИВАНОВСКИ: За жал да, тоа е една незгодна ситуација. Тоа се луѓе кои ми се драги а сепак и нив мозокот им е спржен од пропагандата на режимот, во политичка смисла. Инаку емисијата „Политико“ се емитуваше во време кога ДПМНЕ почна сѐ повеќе да забегува, тоа беше пред 24-ти декември а по упадот во А1. Ми требаше време и мене да се охрабрам и да ги согледам работите. Ем тогаш бев дел од една медиска корпорација, Наша ТВ, која си имаше своја уредувачка политика па ја немав сета слобода што сега ја имам.

СИТЕ ПОЛИТИЧАРИ НЕ СЕ ИСТИ!

ФОКУС: Ти лесно се „вљубуваш“ во политичарите, но и лесно се разочаруваш во нив. Дури, те сметаа за човек што работи за овој или оној политичар, но и дека си тројански коњ во опозицијата и дека поради тебе не ѝ расне рејтингот. Од каде толкав оптимизам кај тебе, толкава верба во добрите намери на политичарите, и дека тие нема да ги стават своите лични интереси пред оние на народот?

ИВАНОВСКИ: Што знам, некоја наивност која како да ја посакувам да е реалност. Но навистина, мислам дека секогаш треба да тежнееме кон политичкиот идеал и не смееме да се помириме со тезата дека сите политичари се исти. Не се, некои се навистина речиси блиску до идеалот. Ние во Македонија сега го имаме Заев кој навистина ризикува многу и речиси е оставен сам од елитата која реши да наведне глава и да се продаде, од бизнис елитата преку јавната елита преку интелектуалната елита како МАНУ, писатели, актери итн., со ретки исклучоци, остана само народот и СДСМ и малите партии од опозицијата, жално ќе биде да се гледаат лицата на сите овие кои сега шуруваат со Груевски.

ФОКУС: На Љубчо Георгиевски му ја напиша и објави биографијата, Стојанче Ангелов лидерот на „Достоинство“ ти е венчален кум, беше носител на листата на партијата на Јанко Бачев, а сега си близок со Либералната Партија на Ивон Величковски. Во меѓувреме синот го крсти Зоран, исто име како лидерот на СДСМ, која партија иако ја поддржуваш не си левичар и имаш остри зборови објавено против Јосип Броз Тито? Па која е твојата политичка опција, која е твојата лична идеологија?

ИВАНОВСКИ: Синот ми се вика Зоки во чест на таткото на мојата сопруга кој прерано починал од рак. Стојанче ми е кум затоа што станавме пријатели и мислам дека е добар човек. На Љубчо му ја напишав биографијата како бизнис проект, тој проект ќе продолжи и понатаму и на ред се биографии на други екс премиери и претседатели. Тоа е нормално во секоја земја, екс премиерот да објави книга и да се објасни со свои зборови како гледа на своето дело. Либерал сум по политичко убедување и затоа се борам за слобода, либерал доаѓа од зборот liberty а тоа е слобода на англиски.

Јанко Бачев ме покани да се кандидирам за пратеник, јас тогаш сам си напишав програма и тој ја прифати и беше слична со неговата економска програма, иако тој спаѓа во десницата а тие се економски либерали но се националисти и конзервативци по другите прашања и тука се разидуваме. Тито и сличните диктатори и автократи се манипуланти и хедонисти кои го искористувале и репресирале народот. Јас сум демократ, Тито тоа не бил. Тој не победил на ниедни избори, тој владеел како воена хунта, како Маршал на партизанските војски.

ФОКУС: Да можеш да си 24 часа во телото на политичарите, сите да мислат дека се тие, а сепак твојот ум да управува со нивните постапки, изјави и наредби, што би направил? Еве да си 24 часа во телото на Груевски, Ѓорѓе Иванов, Сашо Мијалков, Зоран Заев и Али Ахмети, кои бељи би ги напрвил?

ИВАНОВСКИ: Пред некој ден забележав една скршена клупа во Кисела Вода и си замислив што би направил јас да сум градоначалник на Кисела Вода. Буквално со ножици за коса би ја сечел секоја тревка во општината под конец, нема да има ниту една дупка, ниту едно исушено цвеќе, расипана детска справа во парковите, би го посетил секое семејство секој стан во мојата општина и општината има да свети како аптека…

Исто би направил и да сум премиер или лидер на голема партија, целосна посветеност на општеството, би се дал целосно за професијата и би возвратил десеткратно на јавноста која ми дала доверба. Не е сѐ во парите, има нешто и во метафизиката, во чувствата, во моралот, во приказните за тебе кои ќе се раскажуваат со децении дека имало еден човек кој ги поставил стандардите за тоа како треба да се владее, тоа во САД на пример го направил градоначалникот на Њујорк, Ла Гвардија, кој бил градоначалник над 20 години и сега еден од големите аеродроми во Њујорк го носи неговото име. Исто е и со Роналд Реган и други државници кои се вложиле себеси за доброто на една земја.

Ние досега немавме за жал такви политичари, Киро Глигоров има многу гревови иако беше мудар и воздржан политичар, би рекол дека Петар Гошев беше пример за политичар но за жал македонскиот народ не му даде шанса а веројатно и тој не знаеше добро да се продаде на народот.

ПЦУЕЊЕТО МИ Е СТИЛ, АМА И ТЕРАПИЈА

ФОКУС: Твојот стил на пишување е карактеристичен и изобилува со пцовки и навреди. Дали е тоа само стил или зад него стои силен емотивен набој кој не ти дава да останеш културен кога зборуваш за политика и политичари?

ИВАНОВСКИ: И двете. Мислам дека тоа е зачин, како кечап или сенф за сендвичот да биде повкусен, досадно е голото новинарство без емоции, јас во новинарството сум и свој газда не работам за друг па мора да ја гледам и таа димензија да сум читан и гледан а тоа носи и влијание и пари.

А од друга страна пцујам и за да не полудам затоа што навистина ако си нормален во оваа земја или ќе полудиш или ќе станеш аутистичен, ќе се исклучиш од настаните за да не полудиш. Јас не сакам да ја баталам мак-политиката но имам голема мака да не полудам и тешко ми оди кога гледам дека ДПМНЕ отвора нова партиска зграда од 20 милиона евра а немаат изградено асална болница, студентски дом, дом за сираци, итн.

Пред неколку месеци го однесов бебето во болницата за белодробни болести во Козле, детето го носев на снимање од една барака во друга на отворено снег му врнеше врз мешето и главчето, горе во тоа ридот на Водно на минус 10 степена со ветар, државата немала пари ниту да ги поврзе бараките со еден коридор да не ги врне децата снег и дожд а не пак да не зборувам за нов објект или пак да не го отворам случајот со смртта на Тамара или пак десетиците деца што чекаат пари за операција додека премиерот ни се вози во мерцедес од 600.000 евра, си нарача Грујо и теретана во владата вредна 50.000 евра и читаме дека во јавните набавки владата нарачала десетици илјади евра морска храна и ракчиња, како да не полудиш после сето тоа?!

Затоа пцујам на сет глас, бесен сум!Sashe Politiko StripФОКУС: Пред неколку броја на „Фокус“ твојот лик се појави во стрипот каде „глумеше“ каубој – ранчер, од оние што ловат со ласо диви говеда и ги жигосуваат. Се чувствуваш ли и во реалноста како близок на таквиот лик, како каубојски новинар што лови диви политички говеда и јавно ги жигосува нивните глупости?

ИВАНОВСКИ: Па да одлична ти е паралелата. Баш така, каубоец кој трча по стока и ги лови наместо со ласо со мојот мобилен. Одлично ми годи таа споредба пошто цел живот ме прати таа етикета дека сум сељак што веќе и не ми ни смета, најверојатно и е точно, кога ќе ми текне дека имам 35 години а никогаш не сум бил на одмор на море и жена ми се мачеше да ми објасни дека нормален народ оди по две недели на одмор на море и ништо не прави за тоа време на мое големо чудење до запрепастеност, што да се каже освен дека навистина сум каубоец т.е. сељак. Само што јас сум од оние ретките каубојци, кој ги лови лошите дечки. За жал грото каубојци во земјава се заедно со Индијанците во владата. Начекаа талибанците од ДПМНЕ власт и маст и сега имам чувство дека ќе останат во владата па макар направиле и војна и кланица, затоа што тие по падот од власт навистина со своето образование и знаење ќе живеат многу тешко.

ФОКУС: Зад добриот коњ прашина се крева. Се гледаш ли себе на некој начин, како добар коњ?

ИВАНОВСКИ: Коњ или магаре, повеќе мислам дека сум инаетлив во приказнава како магаре. Навистина одбивам да се помирам со ова што ни го сервира режимов. Не патам јас многу од суета и его, мене ми е важно да ја изораме нивата, режимот да падне. Ми годи кога ќе ме пофалат, тоа секако, порано многу се нервирав кога ме критикуваа, но сега со растот на самодовербата, веќе не се палам толку на критика и не паѓам во депресија на напади. Вака или онака, јас веќе влегов во топ 10 новинари во земјава, тоа си го одработив машки, со пот а богами и со крв и веќе понатаму работата е на рутина, сега веќе е полесно.

БОБИ ХРИСТОВ ЗА ПРЕМИЕР!

ФОКУС: На преодната т.е. техничката влада не може да биде премиер ниту Груевски ниту Заев, ниту било кој од нивните табори. Кој според тебе би бил идеален кандидат за премиер на таквата преодна влада?

ИВАНОВСКИ: Ова е најтешкото прашање во моментов. Навистина мене не може да ми текне на човек кој е со рбет а кој би бил прифатлив за режимот. Они ќе бараат некој мекуш, а кој сепак би го прифатиле и ние. Така што еве мој предлог е новинарот Боби Христов. Него го сакаат и двата табора, има над 40 години, искусен е, бил уредник, зошто да не му ја довериме работата на новинар да ги одглави работите. Тоа би имало убава симболика. Пред интервјуто со Хорхе ќе го предложев Саки, Атанас Кировски, ама он со тоа интервју се закопа за век и веков. Од бизнисмените би го предложил претседателот на комората на северозападна Македонија, тој човек има и муда и памет, а плус доаѓа од бизнис заедницата а плус е и Албанец.

ФОКУС: За крај, последно прашање. Има ли надеж за Македонија. Ќе ја биде ли, или уште од сега да се пакуваме за во странство? Во смисла, дали груевизмот ќе го надживее падот на Грујо, и неговата тајфа арамии ќе биде заменета со друга тајфа арамии? Дали сме осудени на истиот систем, без оглед кој е на власт?

ИВАНОВСКИ: Интересно прашање. Мислам дека Македонија после Грујо ќе биде како Германија после Хитлер или Јапонија после Втората светска војна, оваа земја ќе биде поразена, разорена, уништена, но со многу нови надежи и само нагоре ќе одиме и само победи ќе нижеме. Ова ќе биде за нас една голема лекција, многу грешки направивме сите како општество и нема да си ги дозволиме пак, Груевски беше како некој злобен вирус кој ни ги покажа сите дупки во нашиот имун систем, ова нема да ни се повтори, сѐ што ќе наликува на груевизам ќе биде осудено на пропаст уште во старт, сите негови техники ќе бидат забранети имплицитно во земјава, сѐ што користеше тој а беше плашт зад кој се криеше измама ќе биде на црната листа во политиката.

Падот на груевизмот ќе биде еден голем старт за ова општество. Жално ќе биде што остатоците од таа ера нема да можеме лесно да ги тргнеме од погледот затоа што главниот град ни е престорен во еден голем забавен парк од мермер и еркер, тоа ќе остане да нѐ потсетува на едно лудо време на еден лудак и манијак кој се докопал до најмоќното столче во земјава.

Но ќе нѐ потсетува и за вистинското лице на нашата десница која 70 години копнееше да дојде на власт и кога конечно дојде направи сѐ да го оправда и Голи Оток и сите малтретирања што им ги правеле комунистите затоа што тие навистина биле една дива орда и опасност за една земја, сега видовме едно такво злобно фашистичко диктаторско лудо лице на македонската десница која можеби со право била малтретирана и газена затоа што некои комуњари уште на времето увиделе дека тие, десницата, нема што да ѝ понудат на оваа земја и на ова мултикултурно општество освен воени конфликти, немири, и нова диктатура само многу полоша и понеправедна и посурова.

 

Поврзани новости