Заев: Не е во ред за пола грам марихуана да се затвораат луѓе

by Фокус
Премиерот Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на Алсат М рече дека медицинскиот канабис е огромен потенцијал за економски развој.
-Ние имаме 59 лиценци, сакам да ја истакнам пораката за разумноста на Парламентот. Законот таму седи една и пол година. Се работи за медицински потреби на канабисот. Овде го развиваме, веќе пакетот на позитивните листи на лекови за користење. Се користи на 68 позитивни лекови на германската позитивна листа, насекаде во Европа, насекаде во светот. Одлично дава резултати за Паркинсова болест, за епилепсија, за психолошки растројства, за карциноми и за други болести – рече Заев.
Но, како што рече, потребна е и декриминализација на употребата на марихуана, за што, најави тој, процесот на измена на законот ќе биде отворен во првата половина на следната година.
-Гледам има голема прифатеност на опцијата за декриминализација, луѓето зборуваат за тој пола грам, како што велат невладините организации, кој се користи дома, да се затвораат луѓе, навистина не е во ред“, оцени Заев, подвлекувајќи дека останува заложбата на Министерството за внатрешни работи да води борба против шверцот и тргувањето со дрога и наркотички средства.
Премиерот додаде дека во земјите каде е легализиран канабисот се чувствува економскиот потенцијал за развој на сите услужни дејности и многу од конзументите се откажуваат од хероин, кокаин и други тешки дроги.

Поврзани новости