Се прават анализи за следните чекори во справување со КОВИД-19, се размислува за рестрикции, за што деновиве ќе заседава и Советот за безбедност, но мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати – од 1 ноември R факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така секако доколку и натаму се спроведуваат актуелните мерки за заштита, оцени премиерот Зоран Заев.
-Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17 или од 18 ќе има подобри резултати. Сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките, рече премиерот Заев во синоќешното интервју за ТВ 21.
Посочи дека јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручен кадар за справување со оваа ситуација.
Во однос на набавката на вакцина откако ќе биде одобрена, премиерот Заев нагласи дека земјата е вклучена во КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организацја за да се обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини против КОВИД-19 и дека Северна Македонија, како и Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки.