Претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата, надлежните ресорни министерства и на oпштините Охрид, Струга и Дебрца, за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат статусот на Oхридскиот Регион и Охридското Езеро како заштитено природно и културно подрачје од страна на УНЕСКО, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, имаше средба со градоначалниците на Охрид, Константин Георгиески, на Струга, Рамиз Мерко и на Дебарца, Зоран Ногачески, при што ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини, да се усогласат напорите за спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините.
Како што соопшти Владата, соговорниците заклучиле дека треба да се води грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.