Филипче: Подготвени се пунктовите за утрешниот старт на вакцинацијата

by Фокус

Утрешниот старт на вакцинацијата против ковид 19 во земјата е всушност почеток на последната фаза во борбата со пандемијата, истакна министерот за здравство Венко Филипче на Сител.

– Се подготвувавме согласно сите препораки, од сите соодветни здравствени меѓународни институции, СЗО, производителите. Така го димензиониравме нашиот систем. Едноставно, го надградивме постоечкиот систем на имунизација. Низ неколку фази на едукација целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри коишто ќе работат на вакцинацијата. Целосно е поставена инфраструктурата и подготвени се пунктовите – истакна Филипче.

Филипче истакна дека станува збор за специфичен процес.

– Требаше да се подготват вакциналните пунктови. Сепак се тоа места каде вообичаено доаѓаат деца, што значи требаше да се направи реорганизација. Фрижидерите не се само нешто што треба да се постават, има точно време колку вакцините треба и можат да стојат во нив, колку време стојат надвор, како се раствораат и друго. Сето ова е еден комплексен процес, со препораки коишто мора стриктно да се следат. Сепак ова е нова работа, нов систем кој се случува насекаде во светот – изјави Филипче.

Тој потенцира дека вакцинацијата почнува со здравствените работници кои работеле и работат со ковид-пациенти, а први ќе бидат вакцинирани здравствените работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, болницата во Козле и клиниките во состав на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти.

Поврзани новости