Заев на вечера со турски бизнисмени: Очекувам милијарда евра трговска размена со Турција

by fokus

Тука сме да пренесам отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите, порача премиерот Зоран Заев  на вечерата со бизнисмени од Турција, организирана во Анкара од Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

-Сакам да ви пренесам дека постои амбиент за инвестирање во Република Македонија. Со околу 35 инвеститори сме во пред договор, со 10 имаме потпишано договори, а има 100-ци заинтересирани – рече премиерот Заев пред бизнисмените од Турција.

Тој посочи дека Турција е 6. земја по големина на инвестиции во Македонија, дека 456 милиони евра е трговската размена и порача дека со перспективите за поголема соработка, може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните на Македонија.

-Нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра – додаде Заев.

Тој посочи на еднаквиот третман што го има новата Влада кон странските и домашните инвестиции, олеснувањата кај данокот на добивка и персоналниот данок, годишниот буџет од 55 милиони евра за секоја инвестиција во домашното стопанство.

Како области за продлабочување на соработката ги наведе земјоделството, енергетиката, градежништвото. Премиерот Заев рече дека правна регулатива за соработка меѓу двете држави има, но дека ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија.

 

Заев од вечерва е во официјална посета на Република Турција придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. Премиерот Заев, за време на посетата на Анкара ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.

Поврзани новости