Заев на средба со амбасадорите: Подготвени сме да избереме претседател на Собранието и влада

by fokus

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорите на Германија, Кристине Алтхаузер, на Британија – Чарлс Гарет, со шведскиот амбасадор Матс Стафансон и со амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп.

СДСМ информира дека на средбата било констатирано дека Република Македонија мора да ги продолжи демократските процеси со што ќе осигура стабилна иднина за своите граѓани.

– Парламентарното мнозинство од 67 пратеници е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември. Чекорите што следуваат во брзо време се избор на нов собраниски претседател и нова реформска Влада, според Деловникот на Собранието, Уставот на Македонија и законите – им рекол Заев на амбасадорите.

На средбата се разговарало за потребата сите политички субјекти во државата, институции и поединци да ги имаат предвид одговорноста што ја имаат да го овозможат овој процес, како и последиците од евентуалното противуставно однесување на штета на државните интереси.

– Неопходно е Трајко Вељаноски и Ѓорге Иванов да постапат според мнозинската волја на граѓаните, и опозицијата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да овозможат мирен трасфер на власта – истакнал Заев.

СДСМ информира дека оценето е дека излез од кризата е спроведување на итните реформски приоритети во Македонија, што ќе ги одблокираат евроатлантските перспективи, а тоа ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, раст на економијата и животниот стандард и развој на државата.

 

Поврзани новости