Заев на јубилејот на ЛГБТИ Центарот: Ве охрабрувам да бидете гласни

by fokus

Ви ја честитам 5-годишнината од формирањето на ЛГБТИ Центарот и ве охрабрувам да бидете гласни, слободно да се изразувате и да дејствувате во насока на заштитата на правата на граѓаните, порача премиерот, Зоран Заев, на синоќешното обраќање пред присутните на јубилејот од отворањето на ЛГБТИ центарот во Скопје.

Заштита на правата на сите граѓани во Република Македонија, рече тој, е заложба и определба и на Владата на Република Македонија.

„Граѓаните на Република Македонија покажаа каква Македонија сакаат. Граѓаните на Македонија застанаа зад концептот дека секој е важен и дека Македонија треба да биде држава на сите граѓани и за сите граѓани. Како Влада на Република Македонија застанавме цврсто зад овој концепт што обезбедува живот и иднина за сите граѓани, и одлучни сме, ќе продолжиме да ја градиме Македонија во држава за сите и на сите. Општеството го поставивме на вистинскиот пат. Тоа е патот на демократска и европска Република Македонија“, истакна Заев.

Демократијата, рече, ја развиваме низ надминувањето на наметнати или наследени предрасуди и стигми.

„Знам дека вашиот Центар, поради поттикнатите насилнички напади, мораше да ја смени својата локација и да се исели од просториите во Скопската чаршија. Овој инцидент, како и уште неколку слични други во изминатите години, не беа расчистени од страна на институциите. И не се единствените што се случија во државата. Тука сум уште еднаш да испратам порака дека тие времиња на беззаконие, на кршење на човековите права по кој било основ се минато, затоа што Владата на Република Македонија поставува темели на држава којашто е заедничка за сите и којашто ќе се стреми да ги штити правата на секој, без разлика на какви било различности, припадност, уверувања и слично“, порача тој.

Заев рече дека еден од чекорите што се преземаат во таа насока е подготовката на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, за којшто е во тек јавна расправа. Во таа насока рече дека поимот „дискриминација“ ќе се дефинира во согласност со меѓународните стандарди. Ќе има промени, додаде, и во Комисија за заштита од дискриминација преку транспарентен избор на членови.

„Знаеме дека законите не се доволни и дека она што е потребно е да се погрижиме сите ние како заедница, да покажеме почитување и недискриминација по која било основа, низ давањето личен пример, во семејството, во нашето непосредно опкружување, во општеството. Ваквиот пристап на градење општество за сите, е став на огромното мнозинство граѓани, што е обврска за сите нас да го развиваме, со што го трасираме патот на демократска, современа Република Македонија“, порача премиерот.

 

 

 

Поврзани новости