СДСМ потврдија дека дале дури 155.000 евра за рекламирање на Сител

by fokus

Од СДСМ потврдија дека најмногу средства за рекламирање на своите кандидати биле исплатени на телевизијата Сител. Во целата изборна кампања оваа телевизија ќарила 155.637 од СДСМ, велат од таму во информација за платено политичко рекламирање.

„Водејќи се од воспоставениот принцип на отчетност, одговорност и транспарентност, ја инфомираме јавноста дека за време на кампањата за двата круга на локалните избори, коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се рекламираше на повеќе национални, регионални и локални телевизии“, посочуваат од СДСМ.

По Сител најмногу од СДСМ добила Канал 5 каде се слеале 106.389 евра.

За рекламирање на ТВ 23 за време на двата изборни круга СДСМ потрошиле 73.602 евра.

На ТВ Алсат СДСМ откупиле рекламен простор во вредност од 71.249 евра, додека на Телма 93.578 евра.

„СДСМ и коалицијата се рекламираше и на неколку регионални и локални телевиизии, радио станици, интернет портали и печатени медиуми. Напоменуваме дека информациите што се појавија во одредени медиуми околу издвоените средства за медиумско рекламирање на СДСМ во предизборната кампања се однесуваат на доспеани и платени фактури до периодот за којшто се однесува поднесениот финансиски извештај доставен согласно законските прописи“, појаснуваат од партајата.

Во сличен сооднос, велат од таму, СДСМ и коалицијата емитуваше платена политичка програма на националните, регионалните и локалните телевизии, како и на радијата, интернет порталите и печатените медиуми и за време на последните парламентарни избори во 2016 година.

„Фокус“ вчера објави дека само за вториот круг од локалните избори СДСМ издвоила околу 125.000 евра за рекламирање и пропаганда на телевизија Сител која важеше за блиска до преходната власт и против чии уредници се водат судски постапки покренати од Специјалното јавно обвинителство.

Поврзани новости